Беџети и Џафери сведочеа за „Монструм“
На судското рочиште за случајот „Монструм“ сведочеа поранешниот министер за правда Блерим Беџети, екс- вицепремиерот Муса Џафери и Зоран Трајковски, полициски службеник. „Имав контакти и разговори со повеќе министри, но не се сеќавам што конкретно сме разговарале“, посочи Блерим Беџети. Според Џафери, поради загриженоста и како политички субјекти и како функционери, била контролирана ситуацијата за да нема етнички конфликти и тензии...

„Имав контакти и разговори со повеќе министри, но не се сеќавам што конкретно сме разговарале“, посочи Блерим Беџети, поранешниот министер за правда при сведочењето за „Монструм“. Рече дека остварил средба со семејствата на обвинетите кои од него побарале транспарентен судски процес.
Како министер за правда во тоа време за барањата за екстрадиција на двајцата обвинети кои се на Косово, одговори дека не сакал да подлегнува на притисоци. Сведочеше и Муса Џафери, поранешниот вицепремиер за Рамковнен договор. Според Џафери, поради загриженоста и како политички субјекти и како функционери, била контролирана ситуацијата за да нема етнички конфликти и тензии.
На рочиштето сведочеше и Зоран Трајковски, полициски службеник кој во телефонските разговори може да се слушне како на друго лице и му пренесува дека пред 12-ти април може да се очекува некоја случка.
На претходните рочишта за петкратното убиство на Смилковско Езеро, сведочеше речиси целиот врв на МВР од 2012-та година.
Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Наташа Гркова- Петрушевска
