Режим на ограничено движење во цела Италија
Италија прогласена за црвена зона поради коронавирусот. Владата во Рим воведе строг режим за ограничуавње на движењето на граѓаните. Ковид-19 е регистриран и во сите земји- членки на Европската унија. Светската здравствена организација смирува- повеќето заболени успеваат да се излечат...

Прв ден по активирањето на строгиот режим за ограничено движење во Италија откако од коронавирусот починаа над 460 луѓе, а повеќе од 9.000 се заболени. Забранети се сите собири. Јавниот превоз и натаму функционира, но образовните институции остануваат под клуч до 3 април. Грција ги откажа сите летови, од и кон северна Италија, а Албанија го прекинува авионскиот и поморскиот сообраќај до Апенинскиот Полуостров до април. И компанијата „Виз-ер“ ги суспендира сите свои рути до Италија. Во меѓувреме, крузерот „Коста фортуна“ кој беше вратен од Тајланд и Малезија поради шеесетина италијански патници, пристигна во Сингапур.
„Најпаметно е да се седи дома. Нашата иднина, иднината на Италија е во наши раце. А нашите раце мора да бидат одговорни како никогаш досега. Секој мора да си ја заврши задачата. За жал, немаме време. Бројките ни кажуваат дека постои значителен скок на бројот на заболени, хоспитализирани на интензивна нега, но и на смртните случаи“, изјави италијанскиот премиер, Џузепе Конте.
Коронавирусот се прошири и кај другите членки на Европската унија.
„Ковид-19 прерасна во брзорастечка сериозна здравствена закана за јавноста којашто ги погоди и граѓаните, и општествата и економиите. Веќе потврдивме случаи во сите земји-членки. Бројките варираат, од малку до над 9.000. Но сега знаеме дека оваа состојба се менува брзо и од час на час“, вели Стела Кирикакидес, еврокомесар за здравство и безбедност на храната.
Превентивни мерки се преземаат и на другите континенти. Израел воведува двонеделен карантин за секој што пристигнува од странство. Иран привремено ослободи 70 илјади затвореници поради епидемијата која усмрти 43 во земјата. Во континентална Кина досега заболеле над 80 илјади, а речиси 60 илјади успеале да се справат со заразата којашто се појави во Вухан. Во повеќе кинески градови се употребува нова апликација за интернет-нарачки наречена „Грабни и оди“ за да се избегне метеж во екот на епидемијата.
Светската здравствена организација соопшти дека повеќето заболени успеваат да закрепнат од вирусот. Оние со послаби симптоми оздравуваат за две недели, додека за посериозните случаи се потребни и до 6 седмици.
На глобално ниво досега починале 3.800 лица.
Маја С. Филдишев
