Филипче: Во следните две недели се затвораат образовните институции поради Ковид-19
Се прекинува наставата во сите образовни институции и градинки во наредните 14 дена. Еден од родителите на децата до 10 години може да отсуствува од работа. Забрана на јавните собири над 1.000 посетители или учесници. Владата донесе интервентни мерки за спречување на ширење на смртоносниот вирус. Непридржувањето кон одлуката ќе биде кривично санкционирано...
Во следните две недели сите образовни институции и детските градинки нема да работат, реши Владата, по препораките на Комисијата за заразни болести. Се забрануваат масовни собири на отворено и затворено, и публика на спортските натпревари. Се забрануваат организираните патувања во високо ризичните земји. Затвор и парични казни за оние што не постапуваат според здравствените прописи за време на епидемија и шират заразна болест.
Еден од родителите на дете до 10- годишна возраст ќе му се дозволи отсуство од работа и тоа ќе му биде платено, рече министерот за здравство, Венко Филипче. Упати препорака од страна на Владата до сите органи на државната и до единиците на локална самоуправа, како и до приватните компании за времен прекин на работните активности за бремените и хронично болните.
Се воведува задолжителна самоизолација за сите лица кои доаѓаат од жариштата на коронавирусот. Им се забранува на економските опраторите да извезуваат медицинска опрема, средства и материјали. Се препорачува луѓето со хронични болести да не излегуваат надвор и да не се патува во земјите каде е регистрирана појава на коронавирусот.
Едно лице во моментов се тестира за Ковид-19. Станува збор за пациентка на возрaст од 16 години, која имала неспецифични симптоми на горнореспираторна болест. Нема други сомнителни случаи кои се тестираат, сите седум пациенти позитивни на корнавирусот се стабилни, соопшти министерот за здравство. Капацитети на Инфективната клиника се целосно подготвени.
