Иднината на Западен Балкан е во ЕУ
Државава и Бугарија од денеска копретседаваат со Берлинскиот процес. Шефовите на дипломатијата Димитров и Захариева очекуваат во март Унијата да даде зелено светло за почеток на преговори со земјава и со Албанија. Државите од регионот со порака, не станува збор за проширување туку за исполнување на ветувањата од Брисел...
Постојат елементи за успех на проширувањето доколку се донесе одлука за почеток на преговорите. По извештајот за напредокот и новата методологија, постои можност за пробив, изјави шефот на дипломатијата Димитров и копретседавач со Берлинскиот процес. Неговата колешка Захариева, шефица на бугарската дипломатија, се надева дека во март Унијата ќе се произнесе да почне преговори со земјава и со Албанија.
„Ако Eвропа сака да биде вистинска сила треба да ги вклучи и другите земји. Ако не успее, ќе испрати проблематична порака зашто по новата методологија и позитивниот извештај, имаме многу силен случај за почеток на преговори“, изјави министерот Димитров.
„Шест земји од Западниот Балкан објавија дека нивен приоритет е членство во ЕУ. Приклучување кон ЕУ значи да мислиме и на интересите од заеднички интерес, а не само на националните“, рече шефицата на бугарската дипломатија, Захариева.
Основачот на Берлинскиот процес, Германија отсекогаш сметала дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ. Британија која излезе од Унијата, повтори дека поддржува евроинтеграција на земјите од Западниот Балкан. Државите од регионот, пак со порака дека не станува збор само за проширување, туку за исполнување на ветувањата што ги даде Брисел.
„Европската унија не е комплетна без Западниот Балкан. По новата методологија и позитвниот извештај за напредокот на земјите, очекуваме позитивна одлука на Советот за општи работи и Европскиот совет во март“, рече Сузан Шулц, директор за Југоисточна Европа во германско МНР.
„Обединетото Кралство останува посветено на стабилноста и на просперитетот на Западниот Балкан и ќе продолжиме да даваме поддршка за евроинтеграција на регионот“, изјави Венди Мортон, британски министер за европско соседство и Америка.
„Иднината на зависи од интеграцијата на преостанатите земји од Западниот Балкан. Веќе не станува збор за проширување туку за завршување на работата“, нагласи Срџан Дамјановиќ-министер за надворешни работи на Црна Гора.
Земјите- членки на ЕУ и кандидатите мора да соработуваат за справување со миграцијата, како и против ширењето на коронавирусот на европското тло. Ниту една држава не може сама да се справи со најновите закани, затоа е важна соработката меѓу ЕУ и Западниот Балкан, заклучија учесниците на конференцијата на Берлинскиот процес.
Ирина Гелевска
