Во село Белица сеуште се меле жито на воденица
Некогаш тука се мелело и по 100 тони жито. Денес времињата се измениле и не се меле ниту еден тон. Бранко Богатиноски е еден од оние жители кои се уште ја користат воденицата. Прво водата од реката ја усмерува кон големото тркало, кое ги врти двата воденички камења, кои пак го мелат житото.

„Секоја година си мелам по 50-тина килограми пченкарно брашно, кое потоа домаќинката дома го поминува на сито и ние си правиме од тоа какрданик, мислам дека тука природно е секое семејство барем еднаш неделно дома да јаде качамак“, вели Бранко Богатиноски, жител на с. Белица.
Жителите со носталгија се сеќаваат за времето кога тука мелеле жито со тони.
„Сите си мелеа тука, имаше ред, со картончиња и целото село мелеше на воденицата. Рж, пченица ги мешавме и потоа од тоа брашно правевме леб, немаше тогаш како сега да се купи брашно“, раскажува баба Васка Богатиноска, жител на с. Белица.
Пред се неможат да го заборават уникатниот вкус на печениот селски леб.
„Од тој леб месен со тоа брашно денеска еднаш да јадеш беше доволно, држеше ситост, сега од овој купечкиот леб како шума е, не држи воопшто ситост“, вели Никола Јовески, жител на с. Белица.
Овие стари излитени воденички камења, кои стојат покрај воденицата се неми сведоци за едно минато време кога тука се мелело и по 100 тони жито. Интересно е да се каже дека еден ваков камен се изработувал рачно, а неговата обработка траела цел еден месец.
Поради уникатноста за брзо време се планира реконструкција на воденицата.
„Откако ќе ја реновираме воденицата туристите кои ќе дојдат тука ќе можат да видат како се меле пченкарно брашно, пченично брашно, ќе можат да видат како се живеело пред многу години тука кај нас“, изјави Мисолим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.
Воденицата продолжува да му пркоси на времето, во иднина само можеби ќе и се смени функцијата, наместо да меле брашно сега таа ќе ги привлекува туристи.
