Здравство

Корона вирусиот ги затвори градинките и училиштата, Владата со интервентни мерки

10.03.2020 16:31

Се прекинува наставата во сите образовни институции и градинки во наредните 14 дена. Еден од родителите на децата до 10 години може да отсуствува од работа. Забрана на јавните собири над 1.000 посетители или учесници. Владата донесе интервентни мерки за спречување на ширење на смртоносниот вирус. Непридржувањето кон одлуката ќе биде кривично санкционирано. Филипче се консултирал со Антикорупциска, може да ја разреши заразената директорка на Клиниката за кожни болести...

Корона вирусиот ги затвори градинките и училиштата. Владата донесе одлука наставата да се прекине за 14 дена и доколку е потребно мерката да биде продолжена. Ресорниот министер Филипче на прес- конференција образложи, родителите на деца до 10 годишна возраст се ослободуваат од работа и за тие две недели ќе им биде исплатена целосна плата.

„Сакам да упатам апел- да се почитува мирувањето и седењето дома, да не се претвори ова во масовно посетување игротеки, како што беше случај со епидемијата на морбили. Тогаш оваа мерка нема да има смисла. Да се почитува мерката и децата да бидат во домашни услови“, нагласи министерот за здравство, Венко Филипче.

За матурантите ќе се разгледува можноста да им биде скратена програмата или некој друг вид на олеснување, посочи министерот. Освен затворање на училиштата, Владата донесе строга забрана за собири со над 1.000 лица, на отворено и во затворени простории. Се апелира да се одложат сите други обуки, семинари и други форми на собири и за помала бројка на учесници. Дали ова ќе влијае врз почетокот на кампањата и воопшто на изборните активности министерот со одговор:

„Не размислуваме за изборниот процес, ова се епидемиолошки индикации и мерки кои треба да важат 14 дена. Доколку има потреба ќе се продолжат затоа што ова е врвен приоритет на земјата во овој момент. Никако не калкулираме со партиски собири или почеток на кампања“, рече министерот Филипче.

После консултацијата со Антикорупционерите, здравствените власти веднаш ќе и дадат отказ на директорката на кожната клиника и на нејзино место ќе постават в.д. директор, иако клиниката е затворена. За кожно заболените кои имаат потреба од терапија ќе биде поставена листа на доктори на кои ќе можат да им се обратат.

Шестемина заболени од корона вирусот се со лесна клиничка слика и не се на механички респираторни машини. Првата заболена која веќе е негативна, ќе биде повторно тестирана пред да биде пуштена од клиниката.

Властите тврдат дека Инфективата клиника со осум боксови, еден во подготовка и уште три други, е подготвена да одговори на нови случаи.

Најрелевантно е тестирањето на Институтот за јавно здравје. Укинати се сите авио и автобуски линии со високо и средно ризичните земји, а поради променливоста на ситуацијата се советуваат граѓаните доколку мора да патуваат, да проверат на листата дали дестинацијата е во ризичните.

 

Фиљана Кока