На изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ 95 проценти нови лица
Гордана Силјановска, Владо Мисајловски, Игор Јанушев, Александар Николовски, Игор Дурловски и Дафина Стојановска ќе ги предводат листите утврдени од Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Денеска конвенција на партијата, а утре лидерска средба за координација во справувањето со коронавирусот во земјава...
ВМРО-ДПМНЕ едногласно ги утврди предлозите за носители и за пратеници во шесте изборни единици. Според лидерот Мицкоски, 95 насто од предложените припаѓаат на генерацииите политичари кои доаѓаат и кои треба да работат на обновата на Mакедонија. На листите има и луѓе кои не припаѓаат на ниту една партија, вели првиот човек на опозицијата.
Одиме на сигурна победа, рече Мицкоски и најави битка за правда во земјата. За претставувањето на носителите и пратениците, рече дека ќе се почитува одлуката на владата за собирите до 1.000 луѓе и дека на конвенцијата нема да има поголем број од препорачаниот од извршната власт.
Мицкоски најави и лидерска средба в четврток посветена на актуелната здравствена состојба во земјата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на смиреност и да не се создава паника со вирусот, а за евентуалното влијание на датумот на изборите, одговори дека прашањето е хипотетичко.
Марина Стојанова- Тонева
