Охрид

Реката Черава ги прекри со отпад познатите плажи кај Љубаништа

11.03.2020 09:33

Езерските бранови во близина на населбата Љубаништа исфрлија огромни количини цврст отпад. Во должина од неколку километри познатите плажи на овој потег се прекриени со пластични шишиња, кеси, гајби и друг пластичен материјал кои во езерските води ги носела реката Черава која се влева од албанскиот дел на езерото. Екипи од „Охридски комуналец“ започнаа со расчистување на отпадот...

Несовесноста на жителите од крајезерските населби исплива на виделина. Обилните врнежи ја исфрлија на површина негрижата за три милиони години старото езеро, познато како редок светски природен резерват на ендемичен растителен и животински свет, а во исто време и најголем басен со питка вода во Европа.

Жителите на крајезерската населба Љубаништа вчера попладне затекнаа слика која предизвика згрозеност кај сите вљубеници во ова наше природно богатство. Во должина од неколку километри брегот е прекриен со цврст отпад кој го донесе реката Черава, која од Албанија се влева во Охридското Езеро, а брановите го исфрлија на брегот.

Екипи на „Охридски комуналец“ започнаа со расчистување на отпадот, но ќе им требаат неколку дена за да ја санираат состојбата.

И овој пат се покажа колку е ниска еколошката свест на лугето од овој регион, што е причина повеќе од апели и едукации да се премине кон високи казни за да се спречи уништувањето на овој значаен еко систем.

Сашо Нелоски