Коронавирус

Постојано расте бројот на заразени од Ковид-19

11.03.2020 12:50

Нови заболени од Ковид-19 и на Балканот. Во Босна и Херцеговина има седум, во Србија 12, Хрватска регистрираше 16 заразени лица. Прв случај на коронавирус регистриран и во Турција...

Во Босна и Херцеговина се регистрирани седум случаи на коронавирусот. Во Србија се вкупно 12, а Хрватска бележи 16 заразени.

Во Турција е потврден првиот случај на Ковид 19.  Се работи за маж кој неодамна се вратил од Европа. Пациентот е во карантин, како и членовите на неговото семејство и други лица со кои бил во контакт.

„Ова е прв ваков случај во нашата земја. Според информациите, дијагнозата е воспоставена многу рано. Дури и вирусот да се раширил, тоа ќе биде ограничено. Нашата земја беше подготвена за ваквата можност. Преземавме мерки за претпазливост“, изјави Фахретин Коца,  министер за здравство на Турција.

Италијанците се изолираат во своите домови поради безбедност, а летовите и аранжманите се откажуваат.

„Конечно сфативме дека е неопходно да има помалку луѓе по улиците. Секако тоа повлекува големи ограничувања за бизнисите. Продавниците се отворени, но нема муштерии, а вработените мора да бидат платени.“

Германската канцеларка Меркел очекува дека околу 60- 70 насто од жителите во Германија ќе се заразат од вирусот, имајќи предвид дека околу 80 проценти од заразените низ болеста минуваат без симптоми.

Во Австрија постојано расте бројот на инфицирани, надинувајќи 200. Полска ги затвори сите училишта на 14 дена во обид да се спречи ширењето на Ковид- 19.

„Ова не е распуст и не е слободно време, туку карантин. Таа грешка беше направена во Италија. Младите кои не одеа на училиште излегуваа да се дружат. Апелирам на одговорност. Да бидеме разумни и времето да го минуваме дома“, изјави Матеуш Моравијецки, премиер на Полска.

Во Кина по четиридневен пад, е забележан пораст на нови потврдени случаи на заболени, што е резултат на прилив на луѓе од странство. Потврдени се 24 нови случаи на вирусот, за 19 повеќе од претходниот ден.

Еден човек бил извлечен жив по 69 часа минати под урнатините на хотел во југоисточна Кина во кој бил сместен во карантин поради коронавирусот. К конго го потврди првиот случај на заразен. Во Боливија се забележани двајца, додека пак во Панама е регистриран првиот смртен случај од последици од коронавирусот.  

 

Марина Ристова