Филипче: Се тестираат 12 нови пациенти за Ковид-19, состојбата на хоспитализираните е добра
Нема новозаразени со Ковид-19. Седумте пациенти, хоспитализирани на Инфективната клиника се во добра здравствена состојба. Следниве денови ќе биде пуштена дома пациентката што кај нас се води како прв случај на заразен со коронавирус. Денеска се проверуваат уште 12-мина...
Нема новозаразени со Ковид-19. Седумте пациенти со коронавирус, хоспитализирани на Инфективната клиника се во добра здравствена состојба и имаат лесна клиничка слика. Следниве денови ќе биде пуштена дома пациентката што кај нас се води како прв случај на Ковид-19. Нејзините последни тестови се негативни. Министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека денеска се проверуваат уште 12 пациенти. Резултатите ќе бидат познати за два часа.
Од нив двајца се наши граѓани кои дошле од Италија пред 5- 6 дена и утрово имале симптоми на грип. Осум лица се од Дебар и се соседи на тројцата пациенти кои веќе се лекуваат на Инфективната клиника. Тие жевееле во куќа- лепенка и имале блиски контакти. Еден пациент од Кочани, пак, е сместен на Инфективното одделение во Штип. Тој исто така патувал во Италија и имал знаци на грип. Последниот пациент е испратен преку Центарот за јавно здравје од Прилеп.
Министерот Филипче најави дека на дешната седница на Влада ќе се предложи уште една мерка, а тоа е здравствените работници во следните две недели да ги откажат и приватните патувања.
Тестови во овој момент има доволно, рече Филипче, но ќе се набават нови за да се дополни резервата. Капацитетот на Инфективната клиника е сосема доволен, направен е план кои катови ќе бидат изолирани, доколку се појават повеќе случаи- нагласи министерот за здравство.
