ЕУ ги здружува силите со Грција, Турција не попушта под притиокот
Бегалскиот бран од Турција го заострува тонот на релација Брисел- Анкара. Европската унија со поддршка за Грција којашто се справува со нов масовен бран откако претседателот Ердоган ги отвори премините за карванот кој бара спас од завојуваните региони во Сирија. Крајна дестинација - западноевропските земји. Идната недела, Турција ќе биде домаќин на самит за ова прашање...

Турските власти и натаму не попуштаат под притисокот од Европската унија околу мигрантскиот бран кој предизвика тензии на границата со Грција. За идната недела, официјална Анкара најавува самит во Истанбул за да се најде решение за кризата. Бриселската средба на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и лидерите на ЕУ не даде конкретни резултати, освен порака да се почитува договорот од 2016 година. По серијата предупредувања, тој конечно ја реализираше долгонајавуваната закана кон ЕУ која ја обвинува за индиферентен и неодговорен однос кон товарот којшто го презела владата во Анкара, но и за неисплатени средства во рамките на спогодбата.
„Турско-сириската граница е и југоисточна граница на НАТО. Кризата која настана во Сирија е закана за нашиот регион и за цела Европа со безбедносна и хуманитарна димензија. Ниедна европска земја го нема тој луксуз да биде рамнодушна на судирите и трагедијата во Сирија. Неразумно е и несфатливо тоа што сојузник и соседна земја ја обвинува Турција за бранот на илегални мигранти. Го информирав шефот на НАТО дека ние нема да и дозволиме на ова земја да ја користи сегашната ситуација и да ја користи Европската унија за да добие неправедни придобивки за себеси“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Австрија изрази благодарност на Грција за преземените мерки за заштита на надворешните граници на Европа.
„Ова е напад од Турција. Претседателот Ердоган со години ги злоупотребува бегалците, мигрантите, луѓето кои живеат во Турција. Тој го користи нивното страдање и ги употребува како оружје против Европската унија. Тој сака да ја уценува Европа со овие тактики и таа да падне на колена“, рече австрискиот канцелар, Себастијан Курц.
„Фактот дека добиаме поддршка од Австрија во овој момент во однос на мигратнската криза кажува многу. Персоналот и техничката помош која ни ја обезбедија ќе ни помогне да го избегнеме овој незаконски обид за транспорт на илегалните мигранти низ реката Еврос, што е организиран од Турција“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Во Турција има над 3,5 милиони сириски бегалци.
Маја С. Филдишев
