Партиите финишираат со кандидатските листи

11.03.2020 13:55

ВМРО-ДПМНЕ носителите и кандидатите за идни пратеници ќе ги промовира вечер на Конвенција. Беа утврдени на синоќешниот Централен комитет. Од партијата посочуваат дека 95 насто се нови имиња...

Партиите финишираат со кандидатските листи за изборите на 12-ти април. ВМРО-ДПМНЕ носителите и кандидатите за идни пратеници ќе ги промовира вечер на Конвенција. Беа утврдени на синоќешниот Централен комитет. Од партијата посочуваат дека 95 насто се нови имиња. Носители на листи се потпретседателите Николоски и Мисајловски, партискиот генерален секретар Јанушев, Гордана Силјановска, Игор Дурловски и Дафина Стојаноска.

Познати носителите и кандидатите за пратеници и на коалицијата СДСМ- Беса. Заев ќе ја предводи листата во четворката. Носители на листите ќе бидат премиерот Спасовски, актуелниот шеф на дипломатијата Димитров, партискиот генерален секретар Николовски и министерка за одбрана Шеќеринска. Шестата ќе ја предводи лидерот на Беса, Касами. На Конгресот презентирана и изборната програма „Можеме“.

ДУИ кандидатските листи треба да ги потврди на Централниот совет. Лидерот Ахмети вообичаено е носител во шестата изборна единица. Талат Џафери е во петката. Носители на листи се и Арбр Адеми и Изет Меџити.

Крајниот рок за доставување на листите до ДИК е утре на полноќ.