За коронавирус се тестираат 12 пациенти, мерките важат за сите
Нема новозаразени со Ковид-19. Седумте пациенти, хоспитализирани на Инфективната клиника со коронавирус се во добра здравствена состојба и имаат лесна клиничка слика. Следниве денови дома ќе биде пуштена пациентката, што кај нас се води како прв случај на Ковид-19. Нејзините последни тестови се негативни. Денеска се проверуваат уште 12 пациенти...

Дванаесет граѓани со симптоми на грип се тестираат на коронавирус. Резултати ќе бидат познати за неколку часа. Дел од нив се вратиле од патување во Италија, а осумина се соседи на заболените од Дебар со кои имале интензивна комуникација.
На владина седница ресорниот министер Филипче ќе предложи здравствените работници да ги откажат приватните патувања, бидејќи не се знае како ќе се одвива ситуацијата, а секој од нив е важен за здравствениот систем. Ги повтори мерките за заштита, додавајќи дека сите кои нема да ги почитуваат ќе се соочат со кривична одговорност.
„Отсуството кон работодавецот, работникот се регулира со потврда издадена од градинка односно училиште, на име на родителот со назнака за времето во кое таа важи со цел да се оправда отсуството. Се наметна прашањето дали овие мерки со оглед на тоа што се препораки освен за државни, важат и за приватните компании, напоменувам дека важат за сите заради тоа што ваква мерка е со цел да се заштити јавното здравје. Мора да важи за сите, непочитувањето ќе биде санкционирано и согласно членот 205 и 206 од Кривичниот законик за опасност од ширење на заразни болести“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
На инфективната клиника има седуммина заболени од Ковид- 19, здравствената состојба на сите им е стабилна. Лицата што се во домашна изолација, а имале контакт со заболената лекарка на кожната клиника засега немаат сомнителни симптоми.
Бидејќи се зголемува бројот на луѓе кои според налозите на Институтот за јавно здравје се ставени во изолација, полицијата вовела патролно контролирање во местата на нивното живеалиште.
„Во однос на лицата на кои веќе Институтот за јавно здравје им одреди мерка изолација, со оглед дека тој број постојано се зголемува, капацитетите на МВР се користат во насока на нивно патролно обезбедување“, рече министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Во наредните 14 дена настава нема да има во училиштата, затворени се и градинките. Владата донесе строга забрана за собири со над илјада лица.
До 24-ти март градинките и училиштата нема да работат. Затворени ќе бидат и факултетите. Ова е една од владините мерки кои треба да придонесат да се спречи ширењето на коронавирусот во земјава.
Андријана Атанасовска
