МЗТ Скопје в недела против Цибона
Во регионалната кошаркарска АБА лига викендов се игра 23.коло, коешто би можело да реши дел или да ги направи уште покомпливани дилемите во однос на борбата за завршниот турнир, за позициите коишто ќе водат во Еврокупот или за опстанокот.

Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром в недела ќе му гостува кај Цибона во Загреб, со желба да направи значаен чекор кон посакуваното шесто место на табелата токму на теренот на кој пред година и пол победнички дебитираше во јадранската конкуренција. Минатонеделниот триумф над директниот конкурент Игокеа ги зголеми амбициите, па иако се уште е седми на натабела, нашиот тим има солидни изгледи за остварување на целта, особено ако успее да се радува против „цибоси“, коишто паднаа во формата и влегоа во криза токму овој важен дел од сезоната, кога им претстои грчевита борба за пласман на турнирот на најдобрите четири екипи. Загрепчани во моментов со Будуќност се на делба на чевртото и на петтото место со биланс 14-8 и секој кикс ќе ги оддалечи од исполнување на амбициите. Мечот Цибона-МЗТ Скопје ќе биде одигран в недела од 18.30 часот, МРТ директно ќе го пренесува на Собранискиот Сервис.
На патот кон „фајнал-форот“ неочекувано подзапре и вториот тим од хрватскиот главен град, Цедевита. Тимот на Јасмин Репеша синоќа загуби со 68-67 на гостувањето кај унгарски Солнок и пропушти шанса теоретски да обезбеди настап на завршниот турнир на три кола пред крајот. Цедевита и натаму е втора со ефект 17-6, зад лидерот Црвена Звезда, којашто има 18-4, а трет е Партизан со 15-7.
Саботната програма од оваа рунда во АБА Лигата ја сочинуваат натпреварите Раднички-Мега Визура (19 часот), Широки-Задар (19 часот) и Црвена Звезда-Крка (21 часот), покрај дуелот Цибона-МЗТ Скопје, за в недела е закажана и средбата Олимпија-Партизан (17 часот), а в понеделник ќе играат Будуќност и Игокеа (од 20.45 часот).
