Скопјани не се плашат од коронавирусот
Од утре се стопира бесплатниот јавен превоз за пензионерите, студентите и средношколците. Нема настава, не работат градинките, но затоа кафулињата во Скопје се преполни. Нашата камера забележа релаксирана атмосфера, а реакциите на граѓаните се во насока на тоа дека не се плашат од Ковид-19...
Желбата да се ужива во мартовското сонце посилна од стравот од коронавирусот. Пролетниот амбиент намами голем број жители на македонската престолнина да излезат надвор и покрај низата мерки, забрани и препораки.
Скопјани се чини не се плашат од коронавирусот. Парковите и кафулињата полни, а голема раздвиженост има и во трговските центи и по улиците.
Ја следиме состојбата со вирусот, но не сме исплашени, е најчестиот одговор на граѓаните со кои поразговаравме.
„Воглавно не се плашам, но размислувам посериозно на таа тема. Носам со мене маска...“
„Се плашиме, но не претерано. Ги следиме мерките на министерот и министерството. Се надеваме дека ќе ја пребродиме и оваа криза.“
„Не се плашам многу, мислам дека државата презема се што е потребно, укажува на многу работи, што да правиме, како да се однесуваме...“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
И покрај ентузијазмот на скопјани, отстапувања од секојдневниот начин на живот мора да има. Од утре почнуваат рестрикциите во јавниот превоз кои ќе важат во следниве две недели, сѐ до издавањето на нови препораки.
Најзасегната возрасна група од коронавирусот се постарите пациенти со слаб имунитет. Доколку се заразат, тоа ќе резултира со тешка клиничка слика и веројатен смртен исход. Поради тоа, во рамките на Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина се преземаат ригорозни мерки.
„Спроведени се мерки да се подигне хигиената на установата на уште повисоко ниво, во смисла на почесто одржување и дезинфекција на болничките соби, опремата, сите простории, секојдневно укажување на сите здравствени работници да користат заштитни маски и ракавици на работно место. Исто така се спроведуваат на дневна основа оние препораки кои се однесуваат на изолација на вработени кои престојувале во земји со висок и среден ризик“, изјави Лидија Ветеровска – доктор во Болницата за геријатриска и палијативна медицина.
Ветеровска вели дека особено чуствителна е ситуацијата со повозрасните пациенти кои се наоѓаат во терминална фаза на малигни заболувања, со оглед на целосната забрана за посети. Во овие случаи, медицинските работници секојдневно телефонски комуницираат со нивните блиски, со цел да ги смират и да ги инфомираат за состојбата на пацинетите на дневна база.
Марија Котовска
