Заврши увидот во Избирачкиот список и пријавувањето на дијаспората за гласање

12.03.2020 10:33

Според податоците на ДИК, од 26 февруари, кога започна увидот во Избирачкиот список, до 10 март, во подрачните единици и канцеларии на Комисијата во земјата увид направиле 9.084 избирачи. Запишани во Избирачкиот список во истиот период се 233 граѓани.

Ноќеска на полноќ заврши рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за предвремените парламентарни избори на 12-ти април. Од ДИК информираат дека и покрај мерките за справување со корона вирусот, нејзините активности продолжуваат согласно одлуките на Владата. Како ќе се постапува натаму зависи од одлуките на Владата и денешната лидерска средба.

Според податоците на ДИК, од 26 февруари, кога започна увидот во Избирачкиот список, до 10 март, во подрачните единици и канцеларии на Комисијата во земјата увид направиле 9.084 избирачи. Запишани во Избирачкиот список во истиот период се 233 граѓани. Решение за бришење е донесено за 47 граѓани, а за 74 граѓани е извршена промена на податоците во Избирачкиот список. Деветмина граѓани кои направиле увид биле со поништено живеалиште.

Нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд одлучува во рок од 24 часа од приемот.

Ноќеска на полноќ заврши и рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање. До вчера (11 март) до 11:00 часот пријавени за гласање во дијаспората биле 6.308 македонски државјани. ДИК прифатила 4.806 барања, додека 1.442 се необработени. Гласање во дијаспората ќе се организира само доколку бројот на пријавени е над 6.540 односно онолку колку што на последните избори освоил пратеникот со најмал број гласови. Неизвесно е дали ќе има гласање во дијаспората и поради состојбата со Ковид-19.