Се предлагаат заострени мерки за превенција од ширење на коронавирусот
Се предлага забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници - концерти, театри, кина, спортски сали, теретани. Кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот и капацитетот внатре да биде преполовен...

Комисијата за заразни болести предлага дополнителни заострени мерки за превенција од ширање на Ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.
Се предлага забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници - концерти, театри, кина, спортски сали, теретани. Кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот и капацитетот внатре да биде преполовен, значи да се задржи дистанцата од метар ипол до два на луѓето кои што престојуваат таму. Да се откажат сите кино проекции, театарски претстави и концерти, соопшти министерот Филипче.
Во разговор со сите јавно здравстевни установи се откажуваат сите хронични пациенти чија што интервенција може да се одложи, остануваат само итни и неодложни интервенции, а истото важи и за прегледите.
Една дополнителна мерка е продолжување на терапијата на хронични пациенти за коишто досега требаше да одат на лекар специјалист. Од следните денови ќе може да го прават и на матичниот лекар, за што Фондот за здравствено осигурување ќе направи измена во правилникот. Ова нема да може да важи за новодијагностицираните пациенти.
Премиерот разговарал и со претставници на верските заедници за строго придржување до мерките, соопшти Филипче.
Министерот упати благодарност до волонтерите на Црвениот крст и соопшти дека апликацијата Мој Воздух, од денеска ги споделува сите активности и иницијативи што ги презема Министерството за здравство.
