Тестирани 4 лица од Струмица и 8 сопатници поврзани со првозаболената пациентка - сите се негативни
Сите сопатници од комбето на прво заболената кои во изминатите две недели беа во домашна изолација се негативни на вирусот...

Вчера попладнето на корона вирус биле тестирани 4-те лица од Струмица - поврзани со првата пациентка. Нивните тестови се негативни на вирусот. Исто така, тестирани се и други 8 сопатници од Скопје на истата пациентка. Нивните резултати се негативни на корона вирусот, соопшти Министерството за здравство.
Практично, сите сопатници од комбето на прво заболената кои во изминатите две недели беа во домашна изолација се негативни на вирусот.
Во текот на вчерашниот ден на корона вирус беа тестирани уште 7 лица со индикации, и нивните тестови се негативни.
Во моментов на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 9 пациенти, од кои 8 се позитивни на вирусот, а по вториот контролен тест, првозаболената е негативна на вирусот, што значи дека таа не е повеќе инфективна, но останува на болничко лекување до нејзиното целосно закрепнување.
