Заврши рокот за поднесување кандидатски листи за изборите на 12-ти април
Се очекува ДИК денеска да соопшти колку коалиции и партии поднеле кандидатски листи и за колку изборни единици, како и дали и како ќе се организира гласање во дијаспората. Во однос на гласањето од странство тоа зависи од бројот на прифатени пријави и состојбата со Ковид-19.

До Државната изборна комисија до ноќеска на полноќ кандидатски листи за предвремените парламентарни избори на 12-ти април поднесоа коалицијата предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Левица, Интегра, СДУ, Работничката партија, ГДУ, Глас за Македонија, партијата Демократи, новата партија Твоја, коалицијата „Никогаш Северна само Македонија“.
Се очекува ДИК денеска да соопшти колку коалиции и партии поднеле кандидатски листи и за колку изборни единици, како и дали и како ќе се организира гласање во дијаспората. Во однос на гласањето од странство тоа зависи од бројот на прифатени пријави и состојбата со Ковид-19.
Најголем дел од коалициите и политичките партии, спорерд најавите од нивните штабови, поднеле кандидатски листи за сите изборни единици, вклучувајќи ја и дијаспората.
По поднесувањето на кандидатските листи ДИК проверува дали тие се доставени во предвидениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик. Кандидатските листи што ќе бидат доставени по рокот ќе бидат отфрлени.
ДИК исто така проверува дали предложените кандидати ги исполнуваат условите пропишани во Уставот и во член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Овие институции се должни во рок од 24 часа електронски до ДИК да ги достават бараните податоци за кандидатите. Ова е новина за Комисијата, која се воведе со последните измени на Изборниот законик.
Доколку се констатира дека листите се во согласност со одредбите од Изборниот законик, тие се потврдуваат најдоцна 48 часа од приемот на бараната документација од институциите.
ДИК има пропишано и рокови за остранување на евентуални неправилности или замена на кандидати доколку тоа е потребно. Листите што ќе бидат поднесени по рокот ќе бидат отфрлени.
Редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче се утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите изборни единици. Жрепката треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.
Изборната кампања започнува на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ.
