Нема нови случаи на Ковид-19 во земјава

15.03.2020 18:44

Резултатите на седумте пациенти кои претпладнево се тестираа се негативни на Ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Денеска се тестираа пациенти од Куманово, Тетово, Кичево, Охрид, две трудници од Дебар и еден пациент од Кочани...

Нема нови случаи на коронавирус во земјава.  Резултатите на седумте пациенти кои претпладнево се тестираа се негативни на Ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Денеска се тестираа пациенти од Куманово, Тетово, Кичево, Охрид, две трудници од Дебар и еден пациент од Кочани, чиј брис пристигна преку ЦЈЗ Штип.

Тестот на пациентот од Кочани, е негативен, но заради типичните симптоми на вирусот, истиот се повторува. И вториот, повторен тест на лицето од Кочани, е негативен на коронавирусот, соопштија од ресорот здравство.

Министерството за здравство информира и дека професорот доктор од Инфективната клиника кој е назначен за координатор на службата за инфективни болести во Дебар е пристигнат во Дебар и веќе е започната анализа на состојбата и координација на активностите околу новите тестирања и новиот план за работа на докторите- епидемиологот и двајцата инфектолози коишто се веќе таму.

Сите 13 пациенти коишто се сместени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се во стабилна состојба, идентична како во текот на вчерашниот ден. Првата пациентка од Дебар е на респираторна машина со значајно подобрување на параметрите по приклучувањето на механичката вентилација, но со сè уште непредвидлива прогноза поради тоа што во оваа ситуација многу често доаѓаат компликациите во текот на лекувањето.

Сите други пациенти се со лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15 годишниот пациент – сите сместени на одделот за изолација.

Прво заболената пациентка од утре ќе биде на домашно лекување.