Претседателот Пендаровски прогласи вонредна состојба
Ваквата одлука е донесена, како што рече претседателот Пендаровски во обраќањето до граѓаните, за поефикасно справување со коронавирусот. Вонредната состојба ќе трае 30 дена...

Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба во државата. Ваквата одлука е донесена, како што рече во обраќањето до граѓаните, за поефикасно справување со коронавирусот.
Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во тој период Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да информираат за преземените активсоти и ажурираните планови за постапување во иднина. Владата ќе продолжи да функционира како техничка.
Предмалку ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност поднесуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика, истакна Пендаровски во вонредното обраќање.
На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор.
Воведување вонредна состојба претходно побара Владата, а со таков став излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Предлогот на Владата за воведување вонредна состојба го соопшти и образложи премиерот Оливер Спасовски, по што беше доставен до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Џафери, пак, го проследи до Пендаровски кој, како шеф на државата, има надлежности да прогласи вонредна состојба.
