МВР: Стабилна безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа
Во полициската станица во Дебар и во полициската канцеларија во Центар Жупа не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, кражби или други имотни деликти и не се регистрирани сообраќајни незгоди...

Изминатото деноноќие во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, помина мирно, а безбедносната состојба е стабилна. Притоа, локалната самоуправа, во соработка со Центарот за управување со кризи и и другите надлежни субјекти во кризниот штаб, го реши вчерашното барање на група млекопроизводители за изнаоѓање начин за откуп на нивното млеко.
Инаку, во полициската станица во Дебар и во полициската канцеларија во Центар Жупа не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, кражби или други имотни деликти и не се регистрирани сообраќајни незгоди.
Непречено продолжуваат активностите на полициските службеници кои се во согласност со оперативниот план за работа и во координација со локалната самоуправа, со кризниот штаб, со Центарот за управување со кризи и се во насока на контрола на целото подрачје, посебно на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници). Целта е доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот, велат од МВР.
На терен без проблеми и застои се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Непречено се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини.
