Фудбал – Прва лига

Македонското фудбалско дерби во полн сјај!

08.03.2014 18:59

Без разлика на ситуацијата во клубот, моменталната форма, позицијата на табелата, повредените и казнети фудбалери, натпреварите меѓу Вардар и Пелистер без разлика дали решавале нешто, никогаш не биле обични. Емоциите, адреналинот и тензиите на теренот и на трибините придонесувале дуелите меѓу скопјани и битолчани да бидат специјални. Дополнителниот шмек е во тоа и ако двете екипи се во конкуренција за трофејот како што е утрешниот пример.

Во 53-то дерби коешто ќе се одигра на Националната Арена Филип Втори, вардарци барем теоретски се фаворити. Црвено – црните се лидери со три бода повеќе од пелистерци, но и со серија од 12 меча без пораз. Последен пат на триумф против Вардар се радувале фудбалерите на Шакендија и тоа во септември минатата година. На домашен терен Вардар е несовлдлив сезонава и во десете дуели има шест победи и четири нерешени. Проблем за домаќинот може да биде отсуството на Филип Ивановски, Александар Темелков, Игор Павловиќ и на Анеј Ловречич.

Хендикепот на Пелистер пак е во малиот фонд на фудбалери особено по зааминувањето во зимскиот преоден рок на првиот стрелец Стенио Жуниор, на Марјан Алтипармаковски и на Томе Китановски. Битолчани пролетниот дел од сезоната го почнаа со убедливиот пораз од Работнички од 4:0 што е само нивни втор на гостувањата оваа сезона. Мотивите се тие што од гостинските фудбалери  извлекувале максимум, па најдобар пример е последниот меѓусебен натпревар на „Филип Втори“ во минатото првенство кога Пелистер славеше со 1:0 и ја прекина серијата од четири порази  во Скопје. Непредвидливоста на резултатите се потврди во пресметката во Битола сезонава, кога Вардар беше подобар со 2:1. Статистиката покажува дека кога Вардар игра на свој терен немало нерешено од 2001-ва година или девет натпревари. Во нив црвено – црните имаат седум триумфи, зелено – белите два.

Сепак, убавината на пресметките на Вардар и на Пелистер е во тоа што традицијата и бројките не значат ништо, многу често клучни биле индивидуалните инспирации и потези или пак грешки, некогаш и судиски.

Без навивачите, особено без „Комити“ и „Чкембари“ македонското дерби не е исто, па затоа утрешното по подолго време ќе има посебна привлечност. И двете фан групи се во комплетна мобилизација со надеж дека ќе бидат вистински дел од фудбалскиот спектакл што Македонската телевизија ќе го пренесува на МРТ собранискиот сервис во 16 часот.