Хотелско- угостителскиот сектор во незавидна состојба
Туризмот на колена. Четири илјади вработени во хотелско угостителскиот сектор во Охридско- струшкиот регион се во незавидна состојба. Стопанските комори од овој сектор утре ќе излезат со втор сет мерки за поддршка од Владата...

Хотелско угостителскиот сектор на колена. Тоа е првата гранка на удар од пандемдемијата со Ковид 19. Околу четири илјади редовно вработени во овој сектор само во Охридско- струшкиот регион и уште две илјади сезонски работници се во незавидна состојба. Откажани се сите резервации заклучно со месец јуни.
Од хотелската асоцијација загрижени, ќе бараат помош од државата. Ослободување минимум три месеци од придонеси и покривање на дел од основицата на платата .
„Сезоната е откажана од странските гости. Заклучно со месец јуни имаме се откажано. И по сите знаци како се одвиваат работите со вирусот, најмалку два месеци ќе бидеме затворени. Можно е да дојде време каде што хотелите ќе се користат за друга дејност за самоизолација на пациенти, еден вид на мини болници. Да спомнеме дека хотелиете се со нула приходи, а имаме големи расходи. Во туризмот сезона мислам дека 2020 и 2021се комплетно уништени“, вели Крсте Бажески претседател на хотелската асоцијација Хотам.
После состанокот вчера, стопанските комори утре ќе предложат втор сет мерки за поддршка од Владата.
„Се надеваме дека надлежните ќе излезат во пресрет со малку слух за нашите загуби кои што ќе гледаме да најдеме начин како да се компензираат дали тоа ќе биде со некои поволности или одложени плаќања“, вели Михаил Мишев претседател на угостителскиот еснаф.
Хотелите и рестораните се под клуч, осум илјади легла на брегот на Охридското езеро празни. Прогнозите се црни, кризата со Ковид- 19 ќе има далекусежни негативни последици врз туризмот во следните неколку години.
Соња Рилковска
