Спасовски во посета на неколку полициски пункта по стапувањето на сила на полицискиот час

23.03.2020 09:43

Премиерот упати апел до секој граѓанин на одговорност, да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите. Нагласи дека само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот...

Премиерот Оливер Спасовски во придружба на дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски направија увид на неколку полициски пункта непосредно по стартувањето на одлуката на Владата за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија од 21 до 6 часот наутро.

„Ова е моментот кога за прв пат во историјата воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на коронавирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно. Граѓаните да ја почитуваат мерката и укажувањата на овластените полициските службеници. Многу е важно е да се почитуваат и укажувањата и рестрикциите и за дневни движења. Одговорноста е на сите нас. Не е само на здравството, на полицијата, на армијата, туку оваа мерка треба да ја почитуваат сите граѓани на нашата земја. Колку поодговорно се однесуваме, толку поодговорно ќе се справиме со целата оваа ситуација“, изјави Спасовски.

Премиерот упати апел до секој граѓанин на одговорност, да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите. Нагласи дека само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот.

Спасовски повторно се заблагодари на здравствените работници, на сите полицајци, на Армијата, на пожарникарите, на комуналните претпријатија, на новинарите. Сите сме заедно на фронтот на битката за здравјето, за животот на граѓаните. Сакам да бидеме сплотени, единствени, да ги почитуваме одлуките на институциите, да се држиме заедно и да останеме здрави и да победиме во оваа битка, нагласи премеирот Спасовски.