29.000 работни места во угостителството се загрозени

25.03.2020 11:57

Мартин Ангеловски од Групацијата за Угостителство вели дека сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се во иста позиција, покрај заканата од Ковид 19, под дирекна закана се и во борбата за зачувување на работните места и овие мали претпријатија да не пропаднат.

Малите и средни претпријатија до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби предизвикани од Ковид-19. Субјектите со претежна дејност угостителство, ставија клуч на врата по донесената уредба од Владата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција. Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и луѓето вработени во овој сектор сред здравствена криза да останат без никаков приход за да се прехранат, е пораката од денешната прес конференција на Туристичко угостителската комора која изнесе предлог мерки за ублажување на последиците од оваа состојба, соопштуваат од Сојузот на стопански комори.

Мартин Ангеловски од Групацијата за Угостителство вели дека сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се во иста позиција, покрај заканата од Ковид 19, под дирекна закана се и во  борбата за зачувување на работните места и овие мали претпријатија да не пропаднат.

„Сите се трудиме да бидеме дел од решението на проблемот, но со секој изминат ден реалноста ни укажува всушност колку сме финансиски немоќни да го издржиме овој временски период до евентуално искоренување на Ковид 19. Би биле презадоволни доколку за нашата дејност може да се изнајде начин да се донесат конкретни мерки кои ќе нѐ одржат во живот. За таа цел се консултиравме меѓусебно повеќе од 1.000 угостителски објекти во целата земја во сектор кој вработува повеќе од 29.000 луѓе, доколку го вклучиме и бројот на нивните семејства претставува сериозна бројка, која не сме во можност да ја издржиме, без адекватни мерки на Владата и банките“, рече Ангеловски.

Угостителите предлагаат субвенционирање на минимална бруто плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци, замрзнување и репрограм на обврски по кредити и камати како и други доспеани обврски према банките до завршување на кризата. Да профункционира итно и без одложување отварањето на кредитните линии со субвенционирана камата.

Исто така, предлог е и да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните 3-5 месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да не се исклучува поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите.

Од Туристичко угосителската комора велат дека последиците не се само здравствени и економски, туку дека се носи и огромен психолошки товар на одговорност кон сите лица кои се вработени и не треба да ги изгубат своите работни места и да останат без приход во време на криза.

„Моментално предложените мерки не ги решаваат проблемите и не само што нема да ни помогнат да ги надминеме финансиските проблеми, туку дополнително ќе не задолжат.  Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.03, да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход. За оние што ќе опстојат кога ќе помине кризата, кога ќе се отворат услови за рестартирање солидарно сите повторно ќе бидат пријавени на работа“- додаде Ангеловски.