МЗТ Скопје Аеродром подготвен и за Цибона
Македонскиот кошаркарски шампион е пред нов предизвик во АБА лигата. Во 23 коло вечерва ги очекува гостувањето кај Цибона, која се бори за пласман на “Фајнал фор“ турнирот.

По убедливата победа над Игокеа во Александровац минатиот викенд со која дојдоа до 11 победа сезонава, кошаркаарите на МЗТ Скопје посакуваат да се вратат со цел плен и од Загреб, со кој би ги зголемиле шансите за пласман меѓу првите шест екипи. Особено охрабрува што над директниот ривал одиграа фантастично второ полувреме, во кое постигна 49, а примија само 27 поени, а противникот буквално го разбија во завршната четвртина, која ја завршија со 27:11. Дополнителен мотив во Загреб ќе биде и поправање на впечатокот од дуелот од 10 коло во Скопје, кога првиот период го добија со 18 разлика, а до крајот му дозволија на противникот да направи пресврт и да забележи победа од 88:93. Тогаш Американецот Блесингејм постигна 32 поена, и со неверојатни 8 тројки од 12 обиди.
Двојниот европски првак со голем респект влегува во натпреварот. “МЗТ е одлична екипа, со широк ростер на играчи, од кои особено се силни на надворешните позиции со четворица квалитетни бекови, кои ако им дозволите, може да ве разбијат. Исто така, и во внатрешната линија се многу силни, така што мораме да ги вратиме пожртвуваноста и борбеноста за да успееме, кои во последно време ги немавме. Имаме доста осцилации, затоа што сите премногу очекуваат од младиот Шариќ, кој сеуште нема доволно искуство за да го понесе товарот“ – изјави тренерот на Цибона, Славен Римац.
Натпреварот Цибона – МЗТ Скопје Аеродром се игра вечерва од 18.30 часот, со пернос на Собранискиот сервис.
