Лидерите на ЕУ ја потврдија одлуката за почеток на преговори
Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ во заклучоците донесени по првиот ден од самитот ги усвоија без приговор. Северна Македонија и Албанија треба да започнат со пристапните преговори што е можно поскоро...

Шефовите на држави и влади на Европската Унија ја потврдија одлуката донесена во вторникот за отпочнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.
Иако оваа одлука нема правно значење, важна е нејзината политичка тежина, посебно во услови кога ЕУ се справува со една од најголемите кризи во историјата – пандемијата на ковид-19.
Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ во заклучоците донесени по првиот ден од самитот ги усвоија без приговор. Северна Македонија и Албанија треба да започнат со пристапните преговори што е можно поскоро.
Самитот, кој се одржува преку видео врска изминатите два дена поради здравствената криза, е речиси целосно посветен на кризата со коронавирусот и нејзините економски и социјални последици.
Во овој поглед, Европската Унија не постигна консензус за заеднички одговор на економската криза што и се заканува на ЕУ во наредните месеци. Лидерите одлучија да им го препратат прашањето на министрите за финансии за повторни преговори.
Досега ЕУ успеа да се договори дека треба да работи на пет клучни приоритети: спречување на ширењето на вирусот, помош во снабдувањето со медицинска опрема, инвестирање во научните истражувања за третман и вакцина, справување со економските последици и помош при репатријација на граѓаните на ЕУ заглавени во странство.
