Шекеринска: Историска победа на нашата генерација
Членството во НАТО не го добивме како подарок, туку го сработивме и го заслуживме со многу тешки реформи, но и со видливи резултати. Армијата на Република Северна Македонија сега е НАТО - Армија. Заедно сме горди на нашиот успех, вели министерката Шекеринска.
„Денеска, нашата генерација ја запиша својата прва историска победа. Денешниот датум – 27 март е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана 30. членка на НАТО – Алијансата. Со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон, станавме полноправна, официјална, 30. земја – членка на најмоќниот воено политички сојуз на денешнината. Влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Нека ни е честито!“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во обраќањето по повод формалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО.
Членството во НАТО не го добивме како подарок, туку го сработивме и го заслуживме со многу тешки реформи, но и со видливи резултати. Армијата на Република Северна Македонија сега е НАТО - Армија. Заедно сме горди на нашиот успех, вели министерката Шекеринска.
Додава дека не можеме, за жал, да ја прославиме таа победа како што заслужува бидејќи сме во нова, сериозна битка со еден сосема различен непријател. Но, секој следен 27 март ќе го славиме денешниот ден, денот кога покажавме дека знаеме што сакаме, и дека го реализираме тоа што го сакаме- вели Шекеринска.
