МВР: Стабилна безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини...

Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди, соопштува МВР.
Непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација, а денеска, од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лицата коишто се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Така, во изминатото деноноќие на ова подрачје извршени се 29 контроли на евидентираните лица со решение за изолација.
Истовремено, евидентирано е едно ново лице во самоизолација и спроведени се 155 контроли врз лицата во самоизолација.
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти, велат од МВР.
