Резултатски помирливо дерби
Слаб фудбал, помирлив резултат, едно исклучување во натпреварот на големите фудбалски очекувања.

Вардар и Пелистер одиграа нерешено 1:1. Реален епилог на 42-то меѓусебно соочување на големите македонски ривали. Имаше борбеност, залагање во 90-те минути на Филип Втори Арената, но изостана квалитет во играта од двете страни. „Исплакнато“ дерби, со малку фудбалска убавина!
А, почетокот беше многу ветувачки, кога уште во 5-та минута Пелистер поведе со 1:0. По слободниот удар, на уфрлената топка во вардаровиот „петерец“ непречено натрча Љамчевски лесно реализирајќи ја големата шанса. Бескрајно долго Вардар остануваше само на обиди за постигнување гол. До шанса дојде во 40-та, многу контраверзна минута од натпреварот. Обидот на Брдаровски да ја исфрли топката од сопствениот шеснаесетник,кој заврши со контакт со противнички играч, судијата Мечкаровски го оцени како недозволен и покажа на белата точка. Сигурен реализатор во 41-та минута беше Илчо Наумоски.
Очекувањата за подобар фудбал во второто полувреме брзо изостанаа кога Вардар остана со 10-мина играчи на теренот. Беше исклучен Мите Цикарски поради остар старт. Завршниот половина час од натпреварот се сведе на тактизирање од двете страни без речиси ниту една шанса за гол. Со многу прекини на двете страни, а со малку креативност во играта.Десетти пат во меѓусебните дуели Вардар и Пелистер одиграа нерешено во дербито на хартија, кое брзо ќе исчезне од сеќавањата!
Околу 5000 гледачи го следеа натпреварот, меѓу нив околу 800 навивачи на Пелистер, кои од Битола со воз допатуваа во Скопје.
