Виртуозот Трпчески во одбрано друштво на турнејата низ Велика Британија

10.03.2014 09:24

За нас е посебно интересен куриозитетот што на сцената се најдоа оркестарот во чии несомнени квалитети се увери и нашата публика на концертот во преполната „Метрополис арена“ во декември 2010 година...

Со синоќешниот настап во Истбурн, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески го заврши делот од својата британска турнеја на кој 3 вечери концертираше како солист на  Лондонскиот филхармониски оркестар под палката на диригентскиот феномен од Венецуела, Илич Ривас. Интересно е што со премиерниот концерт во петокот во распродадената Ројал фестивал хол во британската престолнина, 21-годишниот Ривас стана најмладиот диригент што застанал зад пултот пред престижниот лондонски оркестар.  
 
За нас е посебно интересен куриозитетот што на сцената се најдоа оркестарот во чии несомнени квалитети се увери и нашата публика на концертот во преполната „Метрополис арена“ во декември 2010 година, како и момчето што како светско диригентско чудо во рамките на „Скопското лето 2009“ на само 16-годишна возраст раководеше со Младинскиот оркестар на КултурОп во салонот на Македонската опера и балет.
 
По бравурозниот настап Ривас со нескриени емоции, за МРТ изјави: „Ова е апсолутно најважното деби во мојот живот до сега и некако не можеше да помине без учество на Симон Трпчески, бидејќи кога прв пат диригирав во Европа, тоа се случи токму благодарение на Симон и на неговото големо срце подготвено да поддржи млад диригент. Никогаш во животот не сум се почувствувал повеќе добредојден отколку тогаш во Македонија, кога имав 16 години. Затоа и многу сакав тој да биде дел од мојата соработка со Лондонската филхармонија и од почетокот на минатата недела постојано мислам дека сонувам: овде сум и музицирам со нив. А кога ќе се свртам и го гледам Симон станувам уште посреќен. Сигурен сум дека овој концерт нема да биде само наша, туку и радост за нашите две земји Македонија и Венецуела, токму преку нашето присуство на сцената на Кралската фестивалска сала во Лондон“ – вели диригентската ѕвезда Ривас, кој не го дочека следното прашање за да дополни: „Со нетрпение чекам пак да ме поканите за веднаш да дојдам. Повторно да ги вкусам прекрасните салати и сирењето, на убавото време да се сретнам со прекрасните луѓе во Македонија. Секако, би сакал да го видам и Охрид за чии убавини толку многу сум слушал“.
 
И за Трпчески овој дел од неговата турнеја има посебно значење. Во изјавата за МРТ и тој со комплименти за својот придружник на сцената на Лондонската филхармонија: „Драго ми е што повторно се најдов на сцената со моите драги пријатели и наши познаници, Лондонската филхармонија и диригентот Илич Ривас, особено кој со ова деби направи голем чекор во својата кариера. Мило ми е што јас бев избран и поканет заедно да го изведеме омилениот Концерт број 1 за пијано и оркестар од Чајковски. Мислам дека неговиот талент излегува на сцената преку неговата личност. Тој е многу мил, пријатен и исклучително позитивен човек што е резултат на влијанието на неговото прекрасно семејство. Многу ми е мило што ова мина фантастично за него и драго ми е што помогнав“ – рече Трпчески кој статусот на миленик на лондонската публика по долготрајните овации мораше да го награди и со изведба на бис, што повторно, не пропушти да му ја посвети на Ривас.
 
Инаку серијата настапи низ Велика Британија нашиот пијано виртуоз ја започна на 1 март со камерната вечер во Вигмор Хол заедно со, според многумина,  водечката светска виолинистка, германката Јулија Фишер и нејзиниот сонародник, виолончелистот Даниел Милер – Шот. „Навистина беше привилегија да се слушаат тројцата врвно рангирани солисти чие музичко пријателство резултираше со највисок квалитет“ – запишаа британските медиуми за, како што велат, „инспиративниот настап“ во Вигмор Хол.
 
Британската турнеја на Трпчески во среда и четврток продолжува со Симфонискиот оркестар на Борнмут, по што нашиот врвен инструменталист следната недела го очекува и дебито со Оркестарот на Националната опера од Париз, престижната Бастиља.