НБА Лига

И Далас зема дел од скалпот на Индијана

10.03.2014 10:31

Маверикс славеа против Пејсерс и го продлабочија јазот во кој што паѓа, до скоро тимот со најдорбиот скор во тековната сезона. Индијана е во серија од 4 порази, што е само втор пат сезонава тимот од Индијанаполис да врзе порази, а прв пат повеќе од 2.

Девин Херис и Монта Елис постигнаа по 20 поени, во победата 105:94 против фаворизираниот лидер на Истокот. Херис влезе од клупата, имаше само 9 обиди кон противничкиот кош, реализира 5 асистенции и ја погоди клучната тројка на крајот на мечот.

Далас ја прекина својата најдолга серија на порази сезонава и по три загубени натпревари, победи против еден од претендентите за тронот. Клучна за исходот беше серијата 17:4 на стартот на третиот период, на која што и претходеше 4-тиот фаул на најдобриот поединец кај гостите, Пол Џорџ кој што на крајот имаше 27 поени со 11 скокови и со 2 асистенции.

Хјустон победи против Портланд (118:113) и се зацврсти на третата позиција на Западот, Џејмс Харден постигна 41 поен со 10 скокови, со 6 асистенции и со 6 украдени топки, во триумфот по дополнителните 5 минути. Харден ја постигна и тројката за изедначување при резултат 103:106, на неколку секунди до крајот на регуларниот дел од времето. Џереми Лин додаде 26 поени во победата, а кај поразените Ламаркус Олдриџ имаше 28 поени со 12 скокови.

Во синоќешната НБА понуда, Минесота загуби Торонто (104:111) и Голден Стејт славеше против Феникс (113:107). Во претходниот дел од програмата, во вчерашните натпревари Лејкерс ги изненадија Тандер (114:110), Мајами загуби од Чикаго по продолжението (95:88), Бостон и Бруклин победија против Детроит (118:111), односно Сакраменто 104:89) и Њу Орлеанс против Денвер (111:107).

Во 2 часот по полноќ, Перо Антиќ и Атланта Хоукс играат на гости кај Јута Џез.