Ким Џонг-ун освои сто проценти од гласовите на изборите

10.03.2014 11:55

Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун на вчерашните парламентарни избори освои сто проценти од гласовите во својата изборна единица, а одзивот на изборите бил сто процентен, јавија денеска севернокорејските медиуми.

Со тоа Ким Џонг-ун, кој има серија највисоки титули во земјата, вклучувајќи ги врховен командант на вооружените сили и претседател на Националната комисија за одбрана, сега стана и пратеник во Врховното народно собрание.

- Сите гласачи во изборната единица 111 гласаа, а сто отсто од нив гласале за Ким Џонг-ун. Тоа претставува израз на апсолутна поддршка и доверба во врховниот лидер Ким Џонг-ун, со оглед на тоа дека сите до еден повторно му изразиле лојалност, соопшти официјалната севернокорајска новинска агенција КЦНА,

Граѓаните на Северна Кореја вчера излегоа на гласачките места, за да гласаат на парламентарните избори, кои се први , откако во декември 2011 , актуелниот лидер Ким Џонг-ун го наследи својот татко, Ким Џонг-ил.

Изборите на Врховното народно собрание се одржуваат секоја петта година, а таа институција обично заседава два пати годишно, со цел официјално да го одобри буџетот или некоја друга одлука, која ја донела владејачката Работничка партија.