Претседателските кандидатури до ДИК до четврток на полноќ
Во четврток на полноќ е последниот рок политичките партии до Државната изборна комисија (ДИК) да ги достават кандидатурите за претседателските избори закажани за 13 април. Кандидатите се веќе познати и потврдени од партиите - актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ.

Според информациите од ДИК, досега нема поднесено ниту една од кандидатурите од страна на политичките партии, јави МИА.
Жрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе да ја одржи во понеделник на 17 март. Еден ден подоцна листата треба да биде објавена во Службен весник на Република Македонија.
ДИК веднаш по приемот или најдоцна во рок од 48 часа на листата на кандидат утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Доколку ДИК утврди дека во листата има одредени неправилности, го повикува овластениот подносител, да ги отстрани во рок од 48 часа. Според Роковникот за изборни дејствија за претседателските избори, ако пак листата е ненавремено поднесена и не се отстранети неправилностите во рокот утврден во Изборниот законик, ДИК поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите.
Оваа година првпат има промена на бројот на избирачките места во земјата за 504, така што нивниот број сега ќе изнесува 3.480 наместо 2.976. Промената произлегува од членот 165 од измените и дополнувањата на Изборниот законик со кој се предвидува бројот на гласачи на избирачкото место да не може да биде поголем од 1.000.
Кампањата за претседателските избори започнува на 24 март, додека за предвремените парламентарни избори на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 март, пред првиот круг од претседателските избори.
