Михаел Шумахер се уште се бори за живот

И Герхард Бергер со несреќа на скијање

10.03.2014 12:10

Додека седумкратниот светски шампион во формула 1 Михаел Шумахер веќе трет месец е во кома и се уште е неизвесно неговото заздравување по тешката несреќа на скијање во Франција, слична незгода снајде уште еден некогашен ас на овој спорт, Герхард Бергер.

Уште минатата недела, скијајќи на тежок, опасен и непристапен терен во својата земја, во услови на намалена видливост поради магла, Австриецот удрил во бетонска ограда во којашто имало одводна цевка.

Бергер веднаш ја загубил свеста, иако паднал странично, а не удрил директно со глава. Се здобил со тешка скршеница на раката и со хеликоптер бил пренсен во најблиската болница. Животот не му е во опасност, но веднаш бил опериран, а потоа по неколку дена болнички престој, вчера бил пуштен на домашно лекување.

54-годишниот Бергер беше дел од формула 1 циркусот 14 сезони, од 1983 до 1997. Во кариерата забележа десет победи, а вкупно 48 пати оствари пласмани на пиедесталот. Во моментов е претседател на комисијата на ФИА за тркачки едноседи, каде што припаѓа и формула 1.