Спасов: Во Македонија постојат услови за социјално претприемништво
Социјалното претприемништво во Република Македонија може да функционира како концепт кој ги обединува желбите за решавање на социјалните проблеми...

Улогата на државата во функционирањето и развојот на социјалното претприемништво е многу важна. Во Македонија постојат услови и можности за оформување на социјално претприемништво како модел за постигнување на социјалната инклузија и за вработување на одредени социјални групи, но и за поттикнување на иновации за да се постигне целосна еднаквост на лица или групи на лица кои имаат значително неповолна положба во однос на другите граѓани, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во своето обраќање на работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици“ во рамки на Проектот Техничка поддршка на граѓанските организации –ТАКСО, финансиран од Европската Унија, се вели во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.
„Социјалното претприемништво во Република Македонија може да функционира како концепт кој ги обединува желбите за решавање на социјалните проблеми. Во секој случај, социјалното претприемништво е значаен чекор во развојот на хумано и толерантно општество и за поквалитетни социо-економски односи. Со партнерски сооднос на јавниот, приватниот и невладиниот сектор може да се постигне усогласено дејствување за развој на социјалното претприемништво. Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на потребата од нормирање на областа на социјалното претприемништво, споредувајки ги искуствата кои ќе бидат преточени во законско решение“, рече Спасов во своето обраќање.
Тој додаде дека владата преку новите мерки за вработување, влијае врз зголемување на стапката на вработеност во земјата и истакна дека преку реформите во сите области значително се влијаеше на намалување на невработеноста во Република Македонија од 38% на 28,7%.
Министерот Спасов потсети на мерките кои изминатиот период беа понудени, а кои се базираат на постојните програми за вработување содржани во годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, но и на новите системски мерки преточени во законски решенија коишто ќе бидат континуирана помош и поддршка како на ранливите категории на граѓани кои се невработени така за приватните компании кои ќе ги вработат овие лица.
