!!!(Чк Чк Чк) ќе настапат на „Здраво Млади“
На два месеца до четвртото издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“, потврден е првиот бенд на овогодишното фестивалско издание, кое традиционално ќе се случи во Младинскиот културен центар на 23-ти мај. Организаторите без скромност и воздржаност ги најавија „!!!(Чк Чк Чк)“, калифорниско-њујоршки грув колектив кој во новиот милениум на голема врата го промовираше современиот звук на пост-панкот и новиот бран.

!!!(Чк Чк Чк)“ е бенд основан во 1996 година во Сакраменто, Калифорнија, како фузија меѓу неколку локални состави. Името на бендот е инспирирано од титлите во филмот „Боговите паѓаат на теме“, во кој „говорот“ на Бушманите било означено со интерпункцискиот знак извичник.
Првиот албум издаден во 2000 година, насловен како и името на бендот, веднаш ја покажува магичната моќ на нивната уникатна денс музика, зачинета со бескрајно софистицираниот хумор. Во 2003 година следува популарниот сингл „Me and Giuliani Down By the School Yard“, додека вториот албум „Louden Up Now“, го издаваат во јуни 2004 година (во Америка, за независната издавачка куќа „Touch and Go“, а во Европа за англискиот денс специјалист „Warp Records“). Третиот, комерцијално најпознат албум „Myth Takes“ го издаваат во 2007 година. Минатата година на светскиот пазар се појави и нивниот последен албум „Thr!!!er“, кој ќе биде и концертно промовиран во Скопје на 23 мај.
Бендот го сочинуваат Марио Андреони (гитара), Дан Горман (хорни/перкусии/клавијатури) Ник Офер (вокали), Тајлер Поуп (бас/електроника) и Ален Вилсон (хорни/перкусии/клавијатури). На турнеи се придружувани и од Шенон Фанкис (вокали), Шон Мек Гехен (електроника/звучна манипулација) и Пол Катроне (тапани). Во последните години бендот работи на релација Сакраменто - Њујорк.
Повикот за танц е отворен. Одбројувањето за „Здраво млади“ почна.
Моника Јовановска
