Дерби на колото на Кале, шампионот бара вечните да играат во СЦБТ
Лирија и Работнички ќе го комплетираат 16-то коло во домашниот кошаркарски шампионат, во мечот со предзнак дерби на рундата. Екипите од Сарај и од Градски парк ќе се сретнат во салата на КК Вардар, на Кале(20:30h). Во предвечерјето на стартот на Супер лигата, МЗТ Скопје побара двата најголеми меча, да се одиграат во најголемата сала.

Соочувањето меѓу Лирија и Работнички нема резултатско значење, но е битен натпревар за задржување на победничкиот менталитет и на добрата форма, пред стартот на суперлигашките натпревари. Двете екипи се веќе пласирани во следната рунда, во која што ќе се приклучи и шампионот. Воедно, без разлика на исходот, двата тима ќе ја почнат Супер лигата од нула.
Работнички е во серија од 4 победи, по загубениот ¼ финален натпревар во Купот, од Куманово. Лирија славеше во последните два натпревара, против Струмица и Вардар, по загубеното гостување кај Кожув. Лирија е сигурна на третата позиција, но има шанса да напредува ако победи против Работнички, но и ако Работнички загуби од Кожув во наредното коло.
Од друга страна, Ви го пренеуваме во целост соопштението што МЗТ Скопје Аеродром го испрати до медиумите, во кое што бара одигрување на натпрварите против Работнички во СЦ Борис Трајковски:
Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром со иницијатива двата меѓусебни дуели со екипата на КК Работнички во рамките од домашната Суперлига да се играат во нашата најголема сала, односно СЦ "Борис Трајковски".
Со цел враќање на сјајот на вечното дерби помеѓу двата најголеми кошаркарски колектива во Република Македонија сметаме дека во заеднички интерес е и на клубовите и на сите љубители на спортот овие мечеви да се одиграат во нормални услови и тоа да биде вистински кошаркарски празник. Иако тимот на МЗТ Скопје Аеродром веќе втора година своите нaтпревари во АБА лигата и Еврокупот ги игра во СЦ "Борис Трајковски", не може да се каже дека тоа е класичен домашен терен поради локацијата на нашата најголема сала која се наоѓа во Општина Карпош.
Преполни трибини, подршка на двата клуба од своите симпатизери, дуел помеѓу моментално првопласираниот тим во регуларниот дел од домашното првенство и тимот кој две години со успех настапува во АБА лигата е она што секој искрен љубител на спортот во нашата држава ќе сака да го види организирано на едно повисоко ниво.
Во минатото КК МЗТ Скопје Аеродром прифати дерби мечевите помеѓу овие два тима да се играат во "СЦ Борис Трајковски" и покрај тоа што настапуваше во салата “Јане Сандански”, па сега се надеваме дека и КК Работнички ќе ја прифати оваа иницијатива за што поголем број на љубители на кошарката бидат дел од дерби натпреварите, што ќе значи поголема афирмација на мак баскетот и на спортот воопшто.
