Одбележана 71 година од депортацијата на штипските Евреи

10.03.2014 13:53

Штип ја одбележува 71 годишнината од депортацијата на своите сограѓани,штипските Евреи во злогласните фашистички логори. По тој повод градоначалникот на Општината, Илчо Захариев беше домаќин на пригодната свеченост на која присуствуваа и претставници на Еврејската заедница.

„Само болен ум во ликот на фашистичката идеологија можел да скрои таков грозоморен чин. Да уништат цели семејства меѓу кои и невини деца, користејќи ги гасните комори. А тоа е најнечовечкиот начин на смрт. Лично сметам дека штипјани имаат голема обврска да го чуваат споменот на нашите сограѓани Евреи. Тие биле дел од нашето минато. Живееле во Еврејското маало, каде заеднички со нашите предци, работеле и го развивале градот. Се до ноќта на 11 март 1943, кога со железничка композиција биле однесени во скопскиот монопол а од таму во логорот во Треблинка. Таму како и илјадници други испратени во Аушвиц, Јасеновац и беа однесени во смрт. Општина Штип го обнови споменикот на депортираните Евреи. Ги уреди и Еврејските гробишта а останува идните генерации да го носат споменот на Евреите, бидејќи земја која не го почитува своето минато, посебно ваквите трагични чинови, нема иднина,“ изјави градоначалникот Захариев.

Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница изрази благодарност до градоначалникот и локалната самоуправа за ангажманот и оддржувањето на споменот на штипските Евреи изминатите години.

„На 11 март 2014, Македонија се прости од над 7100 Евреи а само во Штип 554 лица од 131 семејство беа депортирани од Штип и убиени во концентрациониот логор Треблинка. На 11 март, 2011 , Македонија го отвори Меморијалниот центар на Холокаустот со што стана една од ретките земји во светот која отвори ваков центар за спомен на Евреите. Со тоа докажа, дека иако е мала држава, не толку богата, со аспирации да биде дел од меѓународната заедница, сепак направи чин кој го можат само големи држави,“ изјави Леви.