Македонија ја одбележува глобалната недела на парите

10.03.2014 14:12

Надлежните прават напори да го обучат населението и младите како ефикасно да управуваат со личните финансии. Неделата почна со виртуелно тргување на Македонската берза...

Македонија се вклучи во одбележувањето на глобалната недела на парите. Целта на оваа иницијатива е финансика едукација на населението, со посебен фокус на младите, како и подигнување на нивото на финансиска писменост.

Надлежните прават напори да го обучат населението и младите како ефикасно да управуваат со личните финансии. Неделата почна со виртуелно тргување на Македонската берза.

Настани како денешниот го прават предметот пари и управувањето со пари подостапен до младите генерации, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

„Сите ние и секој човек во различна возраст се соочува со прашањето на финансиските средства, управувањето со нив и најефикасниот начин на користење на парите, како и со финансиските проблеми. Одредени истражувања покажуваат дека речиси половина од луѓето во некоја фаза имаат финансиски проблеми и за нив најчесто не се обраќаат до финансиските експерти, туку повеќе разговараат меѓу себе, со колегите на работа и семејството. Затоа е потребно да се подигне степенот на финансиска едукација за сите генерации, почнувајќи од децата во основно образование“, рече Ставрески.

Тој порача дека е значајно да се почитуваат средствата, да се знае дека до нив не се доаѓа лесно и да се управува правилно со нив за добро да се распределат и да се покријат сите финансиски потреби.