Анкета: Словенечката Влада ја губи поддршката

10.03.2014 14:20

Според најновата анкета, која ја пренесува љубљанскиот весник „Дело“, 65,5 проценти од гласачите не ја поддржуваат Владата на Аленка Братушек. Оценката за работата на Владата од минатомесечните 2,46 отсто е намалена на 2,34 проценти...

Поддршката за словенечката Влада се намали на 24,3 отсто, а на евентуални предвремени парламентарни избори најмногу би освоила опозициската Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша.

Според најновата анкета, која ја пренесува љубљанскиот весник „Дело“, 65,5 проценти од гласачите не ја поддржуваат Владата на Аленка Братушек. Оценката за работата на Владата од минатомесечните 2,46 отсто е намалена на 2,34 проценти.

За СДС на евентуални избори би гласале 15,6 отсто испитаници, што е значително повеќе од претходниот месец кога тој процент изнесувал 11,7. Намалување на поддршката кај гласачите забележала коалицијата на социјалдемократите, кои минатиот месец имале 11,9 отсто, а сега 9,5 проценти од гласовите.

Помалку гласови во однос на минатиот месец добила и партијата Позитивна Словенија чиј лидер е премиерката Аленка Братушек, за која би гласале 6,4 отсто од анкетираните граѓани. За коалициската Демократска партија на пензионерите (ДЕСУС) би гласале 5,9 отсто од испитаниците, а за опозициската Словенечка народна партија 5,2 процента.

Триесет насто од гласачите не знаат за кого би гласале, а 17 проценти не би гласале ниту за една од актуелните политички партии.

Најпопуларен словенечки политичар и понатаму е шефот на државата Борут Пахор, а по него следува министерот за земјоделство Дејан Жидан.