Народна банка: Намалување на економската активност од 3,5 проценти
Новата проекција е намалување на економската активност од 3,5 проценти за годинава и закрепнување во наредната година за кога Народата бнка проектира раст од 4,7 отсто, со враќање кон среднорочните прогнози од 4 отсто во 2022 година...

Народната банка ја ревидираше проекцијата за раст на економијата за годинава. Новата проекција е намалување на економската активност од 3,5 проценти за годинава и закрепнување во наредната година за кога Народата бнка проектира раст од 4,7 отсто, со враќање кон среднорочните прогнози од 4 отсто во 2022 година. Ова го соопшти гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска на денешната прес-конференција.
Светот се соочува со една од најголемите и најтешките здравствени кризи од почетокот на 90-те, која за разлика од претходните, се одликува со исклучително брз степен на пренос, што неминовно бара преземање брзи и силни мерки за нејзино сузбивање, истакна гувернерката и додаде дека генерално се очекува дека здравствениот шок барем на краток рок ќе има поголеми економски ефекти, а силината на ефектите во одделните земји ќе зависи од успешноста на здравствените мерки и брзината на рестартирањето на капацитетите, здравоста на билансите на приватниот сектор за апсорбирање на шокот, како и од реакцијата на фискалната, монетарната и на финансиските политики, со цел ублажување на ефектите.
Како што истакна, се очекува пад кај сите компоненти на БДП, освен кај јавната потрошувачка. Кај личната потрошувачка се очекува пад од околу 4 отсто поради пад на расположливиот доход во услови на неповолен пазар на труд и пад на приватните трансфери, забавување и на кредитната поддршка, зголемена неизвесност и воздржаност, кај бруто инвестициите пад од околу 10 отсто поради помали странски, но и домашни-јавни и приватни инвестиции, поради зголемена неизвесност и забавена кредитна подршка. Кај извозот пад од околу 17 отсто, поради намалена странска побарувачка, застој во синџирите на снабдување и домашни рестриктивни мерки и намалената лична и инвестициска побарувачка, а падот на извозот ќе доведе и до пад на увозот од околу 15 отсто.
Народната банка прави ревизија и кај инфлацијата, така што за годинава според проекцијата ќе биде околу нула во однос на претходно предвиденото од 1,5 отсто, додека за наредната година на 1,5 отсто. Претходната октомвриска проекција на централната банка беше два отсто.
Ангеловска-Бежоска не ја исклучува и можноста инфлацијата да биде под нулата, но рече дека тоа би било благо под нулата, потсетувајќи на периодот 2014-2016 година. Според Народната банка, ризиците за проектираната патека на инфлацијата главно се поврзани со неизвесноста околу увезените цени на храната и на енергенсите.
