Грција и „тројката“ без договор за следната транша финансиска помош

10.03.2014 14:21

Владата на Грција не успеа да постигне договор со „тројката“ кој би и овозможил на земјата да ја добие следната транша од финансиската помош, јави МИА од Атина.

Претставниците на кредиторите поставиле нови барања за дополнителни мерки, меѓу кои се отпуштања на државни службеници и намалување на оние бонуси кои останаа во државниот сектор.

Во меѓувреме, синдикатите повторно организираат штрајкови против барањето сите договори за работа да се склучуваат на 36 месеци и отпуштените да не добиваат бенефиции. Првиот 24-часовен штрајк е закажан за среда.

Во услови на предизборие за Европскиот парламент и се позатегната атмосфера на социјална несигурност, владата на премиерот Самарас се обидува да го одложи воведувањето на новите мерки. Кредиторите поставиле и услов за промена на законот за финансирање на партиите што не е во интерес на парламентарните партии во пресрет на изборите.

Министерот за финансии Јанис Стурнарас денеска е во Брисел на состанок на министрите за финансии од Еврозоната. Се очекува Грција да биде поздравена за досегашното спроведување на мерките за штедење, но нема да добие зелено светло за следната транша, пред да се постигне договор со кредиторите.