Тече рокот за годишни даночни пријави

10.03.2014 14:26

Од Управата за јавни приходи информираат дека најголемиот број на пријави се по однос на платен персонален данок, на авторски договори, договори на дело и закупнини на недвижности.

Уште пет дена до крајниот рок за поднесување на годишните даночни пријави. Досега во Управата за јавни приходи (УЈП) пристигнале 70 илјади пријави. Дневно во контакт центарот приходите ги пријавуваат околу две илјади лица. Во последните два до три дена се очекува дена бројката драстично да се зголеми. Граѓаните пријавите можат да ги достават и по електронски пат, тоа го сториле едвај 461 физичко лице од вкупно 10.600  регистрирани.

„Нема гужва, ни помогнаа да ја пополниме пријавата...Тука беше во ред, почекавме во другиот објект на УЈП...“, велат граѓаните.

Од Управата за јавни приходи информираат дека најголемиот број на пријави се по однос на платен персонален данок, на авторски договори, договори на дело и закупнини на недвижности.

„Досега пристигнаа околу 17.000 даночни пријави ,очекуваме до крајот на неделава таа бројка да се зголеми на 30.000 овде во контакт центарот на УЈП“, вели Михаил Михајлов, раководител на контакт центар УЈП.

Контакт центарот  на УЈП работи во две смени ,во него пријави може да достават и граѓаните од другите градови. Лани до предвидениот рок 15 март известување по однос на годишните приходи поднеле над 174 илјади лица. Од годинава нема да се оданочуваат добивките од игрите на среќа ,од каматите на орочените депозити и од капиталните добивки од хартиите од  вредност.

 

Дијана Ценевска