Почеток на предизборната кампања за локалните избори во Франција
Од денеска официјално почна предизборната кампања за општинските и територијалните избори во Франција, јави МИА од Париз.

Гласањето од првиот круг за избор на општинските советници е предвидено за 23 март, додека вториот круг е на 30 март.
Вкупно за овие избори има 926.068 кандидати, според податоците регистрирани од Министерството за внатрешни работи Во општините со над 1000 жители задолжително е претставување на листа со кандидати за општинскиот совет, односно исто толку кандидати колку што брои членови општинскиот совет, од оваа година на листата треба да има исто толку мажи колку што има и жени.
За вкупно 9734 општини со над 1000 жители се регистрирани 21.186 листи.
Општинските избори заедно со претседателските најмногу ги мобилизираат избирачите и според последните испитувања на јавното мислење околу 77 отсто од Французите велат дека се подготвени да гласаат.
Листата која ќе освои апсолутно мнозинство од гласовите добива половина од седиштата во општинскиот совет, додека другата половина повторно се дели пропорционално според бројот на освоените гласови меѓу сите листи кои освоиле повеќе од 5 насто од гласовите. Градоначалникот се избира од општинскиот совет, обично тоа е лицето кое ја предводи листата на изборите, кој потоа претседава со Советот.
