Нема ни трага од малезискиот Боинг!

10.03.2014 15:14

Во потрагата веќе учествуваат екипи на повеќе земји, а се вклучи и Интерпол по сомневањата за терористички напад...

Се уште ни трага од малезискиот Боинг 777 кој пред три дена мистериозно исчезна од радарите за време на летот од Пекинг до Куала Лумпур. Кина ги повика малезиските власти да ги зголемат напорите.

„Кинеските власти соработуваа со нас од три аспекти – потрага и спасување, идентификација на патниците со лажни пасоши и помош на семејствата на патниците“, вели Хишамудин Хусеин, министер за транспорт на Малезија.

Во потрагата веќе учествуваат екипи на повеќе земји, а се вклучи и Интерпол по сомневањата за терористички напад. Се испитува идентитетот на двајцата патници со украдени пасоши – австриски и италијански. Министерствата за надворешни на Италија и на Австрија потврдија дека нивните државјани се во своите земји, а пасошите им биле украдени на Тајланд. Тамошните власти ја пронашле агенцијата која им ги продала билетите, но се оградија од одговорноста за пасошите.

„Велат дека луѓето што го урнале авионот излегле од Тајланд со украдени пасоши. Но ние тврдиме дека не излегле со нив, немаме такви докази. Пасошите беа пријавени за украдени, па ако излегле од Тајланд со нив, ќе знаевме“, изјави Варвуд Тавичаигам, од имиграциската полиција на Тајланд.

„Има една чудна работа: кога некој краде документи и им ги продава на емигранти, обично се употребени брзо по кражбата. Во случајов пасошите биле украдени две години едниот и една година другиот“, рече Кристоф Наудин, експерт за безбедност на летање.

Се претпоставува дека авионот се распаднал на височина од 10 илјади километри, бидејќи до сега не се најдени никави остатоци што можат да се поврзат со исчезнувањето.  Проширена е територијата на која се трага поради можноста леталото да скршнало од патеката во моментот кога исчезнало од радарите. На семејствата на патниците им е кажано да се подготват за најлошото.

Ивана Салтировска