Финансии

Со финансиска писменост до решение на економските проблеми

10.03.2014 15:36

Македонија се вклучи во одбележувањето на Глобалната недела на парите. Велат – лесно е кога се има финансии. Умешноста е да се снајдеш кога немаш доволно средства, односно кога парите се ограничени. Затоа е клучно да се биде финансиски писмен, да се има знаење како да се менаџира со парите...

Штериев (директор на Македонска Берза): Дали ги следиш случувањата на Берзата и дали кога би имал пари ќе вложиш на Македонската берза?

Александар: Кога би имал сопствени средства, со сигурност би ги вложил на Берзата.

Александар e средношколец во економското училиште Васил Антевски – Дрен. Тој се покажа како најумешен во виртуелното тргување на Македонската берза.

„Ги имам основните знаења од училиштето, но и од Македонската берза можат да се добијат основните знаења што се потребни за успешно тргување. Сепак, прво ќе ги анализирам финансиските извештаи на компаниите во коишто сакам да вложам, и нема да реагирам на обични шпекулации“, изјави Александар Линин, средношколец.

Александар за себе вели дека е финансиски писмен. Основата ја добил од економското училиште.

„Учениците стекнатите знаења од училиштето можат да ги применат во реалниот живот, односно во нивното секојдневие,  или во конкретниов пример, за тргување на Берзата“, вели Билјана Ниновска, професорка во Васил Антевски - Дрен.

Директорот на економското училиште вели дека оттука излегле многу видни економисти.

„Гувернерот на НБРМ Димитар Богов и директорот на Берзата, Иван Штериев се ученици на ова училиште, и мислам дека тие ќе имаат добри наследници“, изјави Александар Канурков, директор на Васил Антевски – Дрен.

Некогаш одлични ученици, денес видни економисти – кои најмладите ги учат на финансиска писменост и на успешно менаџирање со парите.

„Сакаме да укажеме дека управувањето со парите е иста таква одговорност и обврска како и управувањето со сопственото здравје, или која било друга важна одлука во животот. Колку подобро го правите тоа, толку полесно ќе ви биде во животот, односно ќе имате помалку финансиски проблеми“, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

„Сакаме на најмладите да им го приближие концептот на парите, концептот на монетарната политика, значењето на инфлацијата, и сè она што е значајно за нивната финансика едукација“, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Финансиската писменост кај македонските граѓани е се уште на ниско ниво. Според истражувањето на Фондацијата Евроцентар, само 6 проценти од граѓаните долгорочно ги планираат своите финансии. 

 

Мартин Пушевски