Странските инвестиции го раздвижија осигурителниот бизнис

10.03.2014 15:55

По две години загуби осигурителниот бизнис постигна раст од 2,6 проценти и оствари добивка од 3,7 милиони евра...

Со бруто полисирана премија од 117 милиони евра, осигурителниот бизнис ја заврши 2013- тата. По две години загуби постигна раст од 2,6 проценти. Оствари добивка од 3,7 милиони евра. Новите инвестиции го раздвижија пазарот. Граѓаните се повеќе го практикуваат животното осигурување.

„Позитивен тренд е забележан во двата сегменти на осигурување, во делот на осигурувањето на живот се забележа двоцифрен пораст од 21,96 пороценти, кој претставува најголем пораст мегу земјите од Југоисточна Европа и за прв пат во историјата на осигурувањето во Македонија, ја надмина грагницата од 10 насто учество во вкупната бруто премија на осигурителниот пазар“, вели Зоран Стојановски член на екперсткиот совет при Агенцијата за супервизија на осигурвањето.

Помалку пари лани се одлеале и за намирување на штети. Осигурителните компании исплатиле бруто износ 48,13 милиони евра, пад од 1,81 процент наспроти 2012- тата. Оваа година очекуваат раст на животното осигурување. Ќе понудат производи во доброволното здравствено осигурување и првите полиси од проектот Европа Ре, кои вклучуваат ризици од катастрофи во земјоделството. Македонскиот осигурителен пазар има големи потенцијали –тврдат познавачите.

„Просечната премија на осигурување во Македонија изнесува 57,58 евра по глава на жител, а ако се земе споредбено со Словенија, таму е 1.000 евра по глава на жител, што е половина од европскиот просек“, вели Ило Ристовски претседател на Здружението за осигурување при Стопанската комора на Македонија.

Вкупниот капитал на друштвата за осигурување изнесува 74,3 милиони евра, четири пати над маргината на солвентност од 18,4 милиони. На домашниот финансиски пазар, 15- те компании се важни инвеститори,  вложиле 142 милиони евра.

 

Сузана Фиданска- Стоевска