МВР во пресрет на изборите

124.968 граѓани без биометриски документи. МВР до изборите ќе издава по брза постапка

10.03.2014 16:18

На 12.255 граѓани кои ги има на избирачките списоци им е истечен рокот на личните исправи. Ќе мора да ги обноват ако сакаат да гласаат на претстојните избори...

По навика, за да завршиме некоја работа, а што ни е обврска, скоро секогаш го чекаме последниот воз. Така, без биометриски документи останале 124.968  македонски граѓани. МВР им излегува во пресрет за претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори. Биометриски документи ќе се издаваат по брза постапка. Вториот круг претседателски и парламентарните се поклопуваат во ист ден. За гласање граѓаните ќе ги има на два избирачки списока, кои во одредени делови може да се разликуваат поради различниот датум на пресек.

Евиденциите на начин како што го бараат законските прописи со пресечен датум , пресечен момент, согласно Изборниот законик се веќе доставени до ДИК и за едните и за другите избори. Очекуваме ДИК врз основа на релевантните податоци  од надлежните институции да излезе со финалните избирачки списоци, рече   министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

На 12.255 граѓани кои ги има на избирачките списоци им е истечен рокот на личните исправи. Ќе мора да ги обноват ако сакаат да гласаат на претстојните избори.

Затоа одлучивме во овој период до изборите  сите документи да се разгледуваат во итна постапка, веднаш да се одобруваат и веднаш да се изработуваат се со цел да им излеземе во пресрет на колку што е можно поголем број на граѓани кои ќе пројават интерес за остварување на нивното избирачко право, истакна Јанкулоска. 

Управните служби на МВР ќе работат со полна пареа и за викендите за да им излезат во пресрет на граѓаните кои немаат биометриски документи,а им се неопходни за да го остварат своето избирачко право.

Од 2007-та  се издадени вкупно 1.934.323 лични карти и 1.857.909 патни исправи.

 

Наташа Гркова-Петрушевска